Отчет на градоначалникот на Берово за првите сто дена од работењето

Во финална фаза е тендерската документација за изградба на зелен пазар во Берово за што се обезбедени средстава од проектот МСИП на Светска Банка, со поддршка на ЕУ во висина од 134.550 евра.

Овој проект бил еден од приоритетите на кој работела општинската администрација во Берово под раковоство на градоначалникот Звонко Пекевски во првите сто дена локална власт.

Пекевски го потенцираше и проектот за проширување на Домот за стари лица за што е изготвена техничка документација и обезбедена е финансиска конструкција за градежните работи за втората фаза за проширување на Домот. Со тоа ќе се зголеми бројот на корисници од сегашните 15 на двојно повеќе.

- Реализацијата на планираните проекти во првите 100 дена поминува според сите планови и рокови однапред зададени и договорени, иако многу време изгубивме во ревизија на работењето на претходниот градоначалник утврдување на сите неправилности со кои претходно се работело. Донесен е буџет во кој по остварените средби со грѓаните и месните заедници на партиципативен начин е креиран буџет за потребите на Општината и граѓаните, но кој морам да истакнам е и лимитиран со блокадата, која ја наследивме на општинската сметка. Во многу краток рок со силни заложби и посветеност успеавме да асфалтираме осум важни улици кои беа руинирани на што сме особено горди, рече Пекевски.

Тој додаде дека е завршен еден од најголемите проекти во предвидениот рок „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Берово“ во кој е изградена мрежа од 29 км, а беа опфатени населените места Смојмирово, Владимирово, Берово и туристичката населба Беровско Езеро, како и атмосферската канализација во градот Берово. Во рамки на проектот се алфалтирани осум улици со вкупна површина од 2.145 м2, а проекот беше поддржан од Европската унија преку МЖСПП во рамки на ИПА програмата за регионален развој со околу 4 милиони евра.

- Во тек е проектот, кој се реализира преку Програмата за погранична соработка, каде една од главните активности е изградба на резервоар со филтер - станица и доводен цевовод во Беровско Езеро, а покрај инфраструктурните активности ќе се изготват и ИТ алатки со поставување лед дисплеи и веб страница, како и софтверски апликации за мобилен во соработка со партнерската општина Сандански од Бугарија, истакна Пекевски.

Тој потенцираше дека сите планирани проекти мора да се остварат, а овој период општина Берово работи како отворена и услужна општина за сите.

- Веројатно ќе излезат и многу нови идеи и размислувања кои ќе добијат своја конкретна форма и нив ќе се трудиме да ги оствариме. Берово веќе е и уште повеќе ќе биде подобра општина за живот за сите во неа. Транспарентноста и посветеноста на проблемите на граѓаните, како на лично, така и на системско ниво, сите тие средби и отвореност се гаранција за вистинска посветеност и решеност на градоначалникот и целиот негов тим Берово да стане пофункционален, почист, поубав, поорганизиран и подобар град. Силно сме посветени кон подобрување на условите за привлекување на инвеститори и соработка со бизнис заедницата со цел отварање нови работни места и враќање на животот во општина Берово, рече Пекевски. 

 

 

 

15.02.2018 - 09:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега