Османи: Земјите од ЕУ ја зголемија активноста за почеток на преговорите, но разликите со Бугарија остануваат

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не може да каже точно каков ќе биде исходот од претстојниот самит на ЕУ и дали Република  Македонија ќе ги почне преговорите со Унијата, оти остануваат разликите со Бугарија. Тој потенцира дека сите разговори се по однос на португалскиот предлог.

 

– Очигледно и вие забележувате една невообичаена зголемена активност од сите земји членки и едно јасно искажување на ставот. И не само од претседателот Макрон, меѓутоа и од други официјални лица на земјите членки на ЕУ дека прашањето на кредибилитетот на европската идеја во регионот се сведува на Република Северна Македонија. Ако на ова перфектно досие не се одговори позитивно, навистина се создава сомнеж во регионот колку е веродостоен овој проект. Мислам дека тоа го чувствуваат земјите членки, јавно ја вреднуваат нашата работа, нашите постигнувања со квалификации коишто се невообичаени од типот дека нашата приказна станува модел за прогрес на земјите од регионот кон ЕУ, меѓутоа остануваат разликите со Република Бугарија. Јас не сум во состојба во моментот да кажам каков ќе биде исходот на 22 јуни, вели Османи.

 

Тој потенцира дека Владата и на билатерална основа комуницира со Република Бугарија и оти дипломатите на двете држави се обидуваат да ја организираат втората меѓувладина комисија, да го договорат акцискиот план и патоказот ако евентуално има договор.

– Тоа е едниот пат којшто го работиме на билатерална основа. А вториот е, се разбира, единствениот предлог на маса – португалскиот предлог којшто ние сметаме дека е добра основа за решение. Предлог којшто ги адресира сензитивностите на сите три страни во процесот и се надеваме дека нашиот ангажман на овие две патеки, билатералната и преку предлогот на португалското претседателство, на крај ќе се сведе на едно решение коешто ќе значи деблокирање на европскиот процес, нагласи Османи.

Тој потенцира дека не може да ги крене очекувањата на граѓаните, бидејќи не е јасно дали во Бугарија има политички мандат по однос на прашањето и дали ќе има договор по однос на португалскиот предлог. – Комуникацијата продолжува. Вчера, денес нашите дипломати се на средби и комуницираат по однос на дефинирање на протоколот. Понеделник ќе се видиме со премиерот и со претседателот Радев во рамки на самитот на НАТО. Јас имам средба со мојот колега во Турција в четврток во рамки на самитот, информира Османи, потенцирајќи оти времето до самиот е кратко и секоја минута е битна за да се испорача решение и да се деблокира процесот.

– Меѓутоа, сите разговараме по однос на португалскиот предлог. Предлогот на Португалија предвидува мониторинг од страна на ЕУ на имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 преку патоказ којшто има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а којшто ќе биде мониториран во рамки на Советот за асоцијација и стабилизација, којшто се одржува еднаш годишно, а го водат високиот претставник, во случајот Борел од страна на ЕУ и министерот за надворешни работи, но се присутни сите земји членки и секој заклучок од Советот мора да биде одобрен со консензус од сите земји членки, објасни Османи.

Тој потенцира дека Владата не бега од обврските за исполнување на Договорот за добрососедство и без ЕУ мониторинг, но доколку тоа значи повеќе доверба на Република Бугарија дека имплементацијата ќе биде неповратна и одржлива, тогаш Советот за асоцијација и стабилизација е добро решение, притоа зачувувајќи ги принципите на ЕУ и на нашата земја, дека тоа не треба да биде од преговарачкиот процес и Копенхашките критериуми, не само заради нас туку заради тоа што се воспоставува преседан којшто потоа, утре ќе ги блокира сите земји во регионот.

12.06.2021 - 15:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега