Османи: Работам на тоа во комисијата со Бугарија да има и Албанец

Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија треба да одржи средба и пред декември, со што ќе го компензираат тоа што во текот на изборите го изгубија како момент и од пандемијата, информираше вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Канал 5. Тој рече дека се уште инсистира во Комисијата да има и член Албанец бидејќи, според него, ова е заедничка битка, така што заедничкиот ангажман за ова прашање ќе не зближи многу.

 

„Тоа е можност да се создаде блискост, но и да се остави наследство дека Албанците биле важен чинител кога се решавале некои важни прашања. Се разбира дека работам на тоа и наскоро ќе има решение. И се разбира дека јас ги  согледувам работите и го утврдувам моментот кога е најдобро да се направи тоа за да не се направи штета на процесот, рече Османи.

Според него, комисијата е инструментот за решавање на проблемот со Бугарија и оттаму се очекува да произлезе најодржливото решение.

„Теоретски, може политичарите да најдат решение, меѓутоа колку е тоа одржливо. Затоа што такви решенија секогаш ќе се гледаат од политички контекст, дека биле политички, а не научни согледувања што утре некој може да ги спори. Затоа сметам дека најцврсти решенија ќе бидат тие што историчарите без влијание на политичарите ќе ги донесат како заклучоци. Јас би сакал овие прашања веќе да се завршат, да се тргнат од агендата за да можеме да продолжиме со преговорите. Би сакал овие прашања да не бидат дел од нашиот политички дискурс. Мене затоа ми е важна првата меѓувладина конференција, како една отсечка, една бариера на балканскиот политички дискурс на разговарања за историски и идентитетски прашања, граници…  И да влеземе во еден друг модус на функционирање на општеството, а тоа е реформи, животна средина, владеење на право и сето тоа што го предвидува преговарачкиот процес“, истакна Османи.

Во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е испорачан договор сличен на Преспанскио,т кој предвидува уставни измени, Османи рече дека постои сет на идеи од едната, од другата страна, од сите инволвирани во процесот како да се надминат прво разликите во очекувањата.

„Прво, дали има динамика на имплементација, дали може да се направи нешто побрзо, која би била таа динамика, што може да го забрза процесот, некои дополнителни дилеми кои се појавија во меѓувреме, а не се дел од Договорот како што е на пример – разликите по однос на новото кратко име на државата, по однос на резолуциите на Советот на Европа“, појасни Османи.

Во однос на средбата на 10 ноември во Софија и дали има можност за средба порано од Берлинскиот процес, Османи рече дека тоа зависи од многу фактори, вклучувајќи ги и разговорите што се водат на дневна основа.

„Ние комуницираме. Јас комуницирам со мојата колешка Захариева, меѓутоа комуницираат и двете министерства на дневна основа, по однос на овие разлики“, истакна Османи.

Според министерот, проблемот со македонскиот јазик што го имаат Бугарите е во различната интерпретација.

„Тоа е поврзано со потеклото на јазикот. Спорот е заради нивниот став дека треба да се признае историскиот контекст на генезата на јазикот. Меѓутоа, нашиот став е дека јазикот не е прашање што се регулира во меѓудржавните односи. Тоа е прашањешто произлегува од правото на самоопределување и на самоизјаснување на граѓаните“, рече Османи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.10.2020 - 11:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега