Османи: По процесот на идентификација, организирани и достоинствено ќе бидат пренесени останките на загинатите

Министерството за надворешни работи ги координира активностите во врска со справување на последиците од автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица државјани на Северна Македонија, заедно со бугарското МНР. Процесот на идентификација на жртвите е во тек, а по негово завршување ќе следи организирана постапка за пренос на телата на починатите, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Не знам дали трагедиите можат да се мерат по големина но денес е навистина тажен ден. Верувам дека сите ние денес живееме еден од најтажните денови во поновата историја на земјата, рече Османи вечерва на заедничка прес-конференција во Владата со министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за транспорт и врски, Благој Бочварски..

За време на посетата утринава во Софија Османи информираше дека воспоставиле директни линии на  соработка на повеќе нивоа со бугарските власти во врска со несреќата, соодветно на договорените насоки. Уште веднаш во МНР се активираше работна група во насока на координација на активности во врска со справувањето на последиците од оваа голема трагедија во која се вклучени најискусните дипломати и конзули од МНР.

-Во текот на денот овозможивме измена на ковид-протоколите за граѓаните, односно членовите на семејствата кои имаа потреба да патуваат во Софија да патуваат без ограничувања од ковид-протоколи, Се активираше сос – телефонот на МНР и во текот на целиот ден беа контактитрани семејствата на сите загинати, но и на повредените кои имав можност денеска да ги посетам и разговарам за нивното здравје и за нивните впечатоци за несреќата. Дадов насока да се пратат двајца искусни дипломати кои се веќе во Софија со што се зголемува човечкиот капацитет на нашата амбасада во Софија со цел да може да понуди помош на граѓаните во текотѕ на процесот на идентификација на жртвите на оваа трагедија, рече Османи.

Најави дека утре продолжуваат со координативните активности според динамика договорена со колегите од Софија. -Правосудните институции се во директен контакт во врска со завршување на процесот на идентификација преку ДНК анализата. Како МНР отворивме линии за брза размена на информации со цел да се координираат активносатите на роднините на настраданите за процесот на идентификација. По завршување на процесот на идентификација ќе следи организирана постапка за пренос на телата на починати што ќе се координира со МНР на Бугарија, кои преземаа обврска за координација на останатите институции кај нив во Софија, рече Османи.

-Што и да направиме денес не можеме да ја надоместиме загубата ниту да ја покриеме тагата, 45 наши сограѓани, деца, жени, сопрузи, сопруфи веќе не се со нас. Она што како МНР ќе го направиме е да им обезбедиме на семејстава достоинство во овие за нив најтешки мигови со цел да ги добијат вистинските информации, идентификација и достоинствено пренесување на останките овде од Софија, рече Османи. 

23.11.2021 - 19:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега