Османи: По идентификацијата на телата на загинатите државата ќе организира пренесување на останките

Се очекува обдукцијата на телата на загинатите во автобуската несреќа да заврши до крајот на денот, а идентификацијата до крајот на неделата по што државата ќе организира пренесување на останките во Скопје, изјави за дописникот на МИА во Софија министерот за надворешни работи Бујар Османи.  

Тој кажа дека во постапките за обдукција се вклучени и експертите од Институтот за судска медицина од Скопје, кои од вчера се наоѓаат во Софија.  

-Јас штотуку се слушнав со професорите кои се дојдени во Софија. Информиран сум дека се тие веќе дел од процесот, веќе се во сала таму каде што се прават обдукциите и се очекува дека можеби и во текот на денот таа фаза од процесот да заврши, но сепак, идентификацијата на телата преку ДНК може да одземе неколку денови, дури и до крајот на неделата, што значи дека дури тогаш ќе може државата организирано да ги пренесе телата во Скопје. Со ова сакам да упатам порака дo семејствата кои се тука во Софија дека тој процес ќе го организира државата во моментот откако ќе се заврши идентификацијата, а тоа може да одземе неколку дена и затоа бараме разбирање за да се вратат во Скопје, а ние тука ќе продолжиме со организација од сите аспекти за еден достоинствен транспорт на останките во Скопје, рече Османи.  

Тој кажа дека е израз на почит што Владата на Бугарија ја започна денешната седница со едноминутно молчење и потсети дека од моментот по несреќата во 3:30 часот премиерот Јанев прв испрати порака до премиерот Заев за трагедијата и информираше за тоа што се случи и од тој момент двете страни се во постојана координација и комуникација.

-Денеска роднините на пациентите кои се згрижени во болницата кажаа најпозитивни забелешки по однос на тоа како медицинскиот персонал ги третира. Меѓутоа, ние институциите сме координирани од сите аспекти, во делот на институциите од правда, здравствените институции, меѓутоа и ние во делот на надворешната политика. Така што сметам дека оваа координација ќе ја забрза целата постапка за што побрзо да се разрешат сите аспекти од оваа трагедија. Истрагата е во тек, координацијата е воспоставена и како ќе бидеме информираме така и јавноста ќе ја известуваме,  рече министерот Османи.

24.11.2021 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега