Османи-Петжичек: Чешка очекува без одложување Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи  денеска имаше видео средба со министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек. Акцентот на средбата  беше реафирмирање на најважните приоритети на Република Македонија во актуелниот период, да биде усвоена Рамката за преговори со ЕУ од страна на Европскиот Совет и одржувањето на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, до крајот на годината под претседателството на СР Германија.

-Вложивме многу во овој процес, што нѐ прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Чешка е еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и ние високо ја цениме силната и гласна поддршка што доаѓа од кај вас, на сите нивоа, истакнал Османи на средбата.

Министерот Петжичек констатирал дека позитивниот исход за одржување на првата меѓувладина конференција ќе биде поттик за побрзи домашни реформи, како и позитивен сигнал за Регионот со што, како што рекол, ќе се потврди европската перспектива на Западен Балкан, како една од целите за проширување на ЕУ.

Соговорниците се согласиле дека сега е време двете земји да се посветат на економската соработка, особено во делот на зајакнување на трговската размена и во интензивирањето на инвестициската соработка.

За време на средбата министерот Османи се заблагодарил на неодамнешната чешка донација наменета за развојот на капацитетите на единицата за атомска, биолошка, хемиска одбрана на Армијата на Северна Македонија, што е само една од низата донации во рамките на финансиската и материјална помош што Чешка и ја испорача на Македонија.

Во рамките на средбата, шефовите на двете дипломатии размениле мислења за актуелните состојби во Регионот и прашањата поврзани со регионалната соработка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.10.2020 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа