Османи: Од одлуката за старт на преговорите ќе зависи и динамиката на тоа како ќе ги спроведуваме договорите со Бугарија и Грција

 

Динамиката на спроведување на договорите со Бугарија и со Грција може да биде колатерална штета при евентуална негативна одлука на Брисел во врска со датумот за старт на преговорите, вели за Детектор, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
“Договорот со Грција е поврзан со отворањата на поглавја. Значи домашната употреба на името е поврзана со конкретното поглавје кое што ќе се отвори. Тоа е објективната, негативна корелација ако не се отворат преговори. Втората е атмосферата. Имплементацијата ќе биде подинамична доколку има позитивна атмосфера во земјата по однос на перспективата која што ја овозможи договорот. Доколку има фрустрации кај граѓаните за иднината не може да очекуваме дека ќе има таква динамика на имплементација и на едниот и на другиот договор“ – вели Османи потенцирајќи дека од одлуката покрај динамиката на спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија ќе зависи и темпото со кое ќе се спроведуваат реформите но и меѓуетничките односи во земјата.
Коментирајќи ја високата поддршка според анкетата на Детектор и натаму ја има процесот на евроинтеграции кај домашната јавност,  Османи вели дека студен туш во Брисел целосно ќе ја урне довербата на граѓаните во Европската Унија.
„Ќе бидам малку похрабар, јас мислам дека ќе се сруши комплетно таа доверба, тој оптимизам и особено креидбилитетот на Европската Унија во земјата и во регионот. Бидејќи било кое потфрлување во донесувањето на позитивната одлука навистина нема ниту еден човек, не само овде туку и во Европската Унија да ја обвини државата или граѓаните на оваа држава, туку неможност на Европската унија да ги испорача своите ветувања, а тоа е суштинско за кредибилитетот на унијата во регионот и нејзиното позитивно влијание врз процесите овде и затоа сметам дека штетата од хипотетичка негативна одлука ќе биде на 3 нивоа.
Прво за одржување на внатрешните процеси овде, бидејќи Преспа и договорот со Бугарија зависат од европската перспектива, се сеќавате на референдумското прашање, беше така формулирано да се меѓузависни една со друга. Потоа пораката до регионот. Не можете да очекувате дека Европската Унија утре може да биде посредник на договорот Србија – Косово на неодговорено прашање на Република Северна Македонија и генерално улогата и кредибилитетот на ЕУ во регионот во услови на силна гео-политичка компетиција за регионот меѓу гео-политичките фактори. Затоа сметам дека овој самит е историски и оваа одлука е историска и негативен исход апсолутно не може да се препише на државите од регионот.“ – вели Османи за Детектор. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.10.2019 - 17:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега