Османи: Македонија станува пример за регионална соработка

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска пред средбата со новоназначената генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу истакна дека нема подобра земја за посета на Советот од Македонија бидејќи, како што рече, земјата станува пример за регионална соработка.

– Земјата станува експортер на европски модели за решавање балкански прашања. Во момент кога Македонија ги затвора сите билатерални спорни прашања со соседите и станува единствената земја во регионот со ниту едно отворено прашање со соседите, станува земја-пример како се решаваат проблемите во регионот и како се помага во таа регионална соработка, пред се во регионалната економска зона, во интегрирање на пазарите, во создавање на еден подинамичен простор за инвестиции, поголема мобилност, меѓутоа и во дигиталната агенда што е важен предизвика, истакна Османи.

Посочи дека на средбата ќе наведе оти Македонија ќе биде посветена во работата на РСС, чија што улога е важна за подготвување на земјите од Југоисточна Европа за членство во Европската унија.

Брегу нагласи дека на средбата ќе почне вториот круг на преговори за заемно признавање на професионалните квалификации во Западен Балкан за доктори, стоматолози, архитекти и градежни инженери.

Таа на водечките преговарачи, одбрани од Владите на земјите од Западен Балкан, им ја истакна важноста на непреченото движење на професионалците како дел од европеизацијата на регионот.

– Фер е да се каже дека ова се времиња полни со предизвици и дека доаѓаат со огромни очекувања. Сите преговори се приказни за влијанието и дијалогот, трансформација со вклучена надеж за поединците, општеството, економиите… Договорот е во целосна корист за граѓаните од Западен Балкан. Од наша страна ние ќе продолжиме да обезбедуваме неутрално олеснување и техничка експертиза, за двете и од правен и од технички аспект, нагласи Брегу.

Посочи дека целта на преговорите е да се склучи Договор за заемно признавање меѓу земјите од Западен Балкан со што ќе се воспостават заеднички правила за признавање професионални квалификации за кандидатите кои имаат професионални квалификација во согласност со европските стандарди, овозможувајќи им да ја работат нивната професија во друга земја од регионот.

– Ова е важен чекор во обезбедување поврзаност меѓу земјите од Западен Балкан и конкретно разбирање на придобивките што ги уживаат преку слободното движење на професионалци и услуги на единствен европски пазар, заклучи генералната секретарка на РСС. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.01.2019 - 18:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега