Османи: Косово е најуспешниот проект на американската и европската дипломатија

Претседателката на Косово, Вјоса Османи го оцени денеска формирањето на косовската држава како „најзначаен и најуспешен проект на американската и европската надворешна политика", јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето годишно обраќање во републичкото Собрание, Османи порача дека Косово „заслужува целосна поддршка" од сојузниците, бидејќи "докажа дека е силна и цврста демократија".

– Ние сме среќни што можеме да кажеме дека Косово е најзначаен и најуспешен проект на американската и европската надворешна политика, како и на сите оние кои застанаа позади нас. Косово е држава која заслужува целосна поддршка од нашите сојузници, бидејќи докажа дека е силна и цврста демократија и затоа имав чест со гордост да ја претставувам нашата земја како пример и модел на успешна демократија во рамките на Самитот за демократија организиран од претседателот (на САД, Џо) Бајден, рече Османи.

Таа исто така нагласи дека нејзината држава останува непоколелива во својата евроатлантска ориентација.

Осврнувајќи се на односите со Србија, Османи рече дека дијалогот го гледа како „значајно средство за стабилноста и развојот на регионот".

Косово, рече таа, ќе продолжи да игра конструктивна улога во процесот на преговорите, но истиот однос, според неа, не може да се види и кај српската страна.

– За жал, не ја гледаме таа готовност кај Србија, чии цели остануваат исти, колку и да може да се менува стратегијатаСрбија има територијални претензии кон Косово и тоа не го крие ниту си реториката, ниту со дејствијата. Што се однесува до дијалогот, тој не може да успее доколку не извлечеме поуки од грешките од минатото. Дијалогот не е и нема да дозволиме да биде за статусот, територијата, внатрешната функсионалност и уставниот поредок на нашата земја, рече Османи.

Според косовската претседателка, „служејќи како отскочна даска за руските интереси во регионот, Србија има за цел да дестабилизира држави од регионот, вклучително и Косово ".

Србија, рече таа, се служи со идеи и логика од минатиот век, а тие идеи водат кон нови конфликти.

– Тие идеи од минатиот век, кои имаат за цел сегрегација наместо интеграција, етнички делби наместо мултиетничност, не се за доброто на Косово, ниту пак на регионот. Таквите идеи создаваат нови конфликти и нефункционалност. Со сето тоа што се случува во Босна несфатливо е како се уште има гласови кои ја туркаат идејата за во Косово да се предизвика иста криза како во Босна, рече Османи.

 

17.12.2021 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега