Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денес ја претстави визијата за целосна реставрација и ревитализација на Старата Чаршија, проект кој, како што рече, има за цел да ѝ го врати автентичниот изглед, дух и достоинство на оваа историска и културна целина, стои во соопштението на кандидатот за градоначалник од редовите на НАИ Бујар Османи.

„Нашата идеја е да ѝ ја вратиме автентичноста, да ѝ го вратиме имиџот. Треба да го вратиме вистинскиот лик на Чаршијата, нејзината историја и нејзиниот дух“, изјави Османи, потенцирајќи дека Чаршијата е најголемото урбано и културно богатство на градот и симбол на идентитетот на Скопје.

Тој истакна дека состојбата на Чаршијата денес е далеку под нејзиниот потенцијал и од вредноста што ја заслужува.

„Денес Чаршијата не е она што треба да биде. Го загубила својот имиџ, својот автентичен и историски карактер. Таа е нечиста, влезовите се блокирани, дупките по улиците се опасни за пешаците и туристите“, рече Османи, додавајќи дека ваквата слика не доликува на најголемата и најубавата чаршија на Балканот.

За оваа цел, тој најави формирање на Стратешки управен совет во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни општината, еснафот на чаршијата, бизнисите, младите, жените и верските заедници. Овој совет ќе ја дефинира стратешката насока на развојот на Чаршијата, појасни Османи.

„Важно е да има заедничко управување. Ниту едно решение нема да се наметне без консензус на сите страни. На тој начин ќе создадеме уникатен дизајнерски код за Чаршијата, и ќе го унифицираме нејзиниот визуелен изглед и карактер. Не смееме да дозволиме хаос во архитектурата или дизајнот“, изјави Османи.

Тој појасни дека, општината ќе ги подготви сите потребни документи и апликации за секој сопственик на објект во Чаршијата, за да го олесни процесот на реновирање.

„Мора да ги отстраниме елементите што го нарушуваат нејзиниот историски изглед. Наместо автентична глетка, гледаме чадори со натписи како ‘Coca-Cola’ или ‘Скопско’и тоа мора да го смениме“, рече Османи.

Османи најави дека проектот ќе биде поддржан од архитекти и експерти за културно наследство, меѓу кои и меѓународно познатиот архитект Мишел Ројкинд, кој веќе изработува концепт за поврзување на плоштадот „Скендербег“ со Скопското Кале.  

„Проектот за ‘Скендербег’ е симбол на нашата заложба да создадеме мост меѓу историјата и современоста. Над овој плоштад ќе се изгради покриена мултифункционална галерија, која визуелно ќе се поврзе со Скопското Кале, создавајќи континуитет на кулите и традиционалната архитектура. Оваа галерија ќе биде мултиетнички и мултиверски центар за културни, уметнички и едукативни активности“, истакна Османи.

Тој додаде дека визијата за Чаршијата не е насочена само кон физичката обнова, туку и кон оживување на културниот живот во Чаршијата преку фестивали, занаетчиски саеми, пазари и верски прослави.

Во рамките на економската поддршка, општината ќе ги субвенционира новите занаетчиски бизниси и мајсторите кои ќе ги обучуваат младите во традиционални занаети, а ќе се создаде и брендот „Made in Charshija“ или „Направено во Чаршија“ за да се промовираат локалните производи.

„Луѓето не доаѓаат во Чаршија поради „брза храна“, туку поради нејзиниот историски карактер и занаетчиските производи. Затоа, општината ќе го субвенционира секој нов занаетчиски бизнис што ќе се отвори во Чаршијата, како и секој мајстор што ќе ги пренесува традиционалните вештини на младите ученици“, изјави Османи.

Тој потенцираше дека од 1997 година, Чаршијата нема урбанистички план, ниту детален урбанистички план, што не смеело да се дозволи.

Exit mobile version