Османи го одбележа на Месецот на франкофонијата

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер, и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во Паркот на франкофонијата во Скопје засади 10 садници по повод Месецот на франкофонијата.

„Сметам дека овој зелен амбиент претставува идеално место и момент за заокружување на Месецот на франкофонијата, месец кога со засилен интензитет и со зголемен ентузијазам ги славиме францускиот јазик, културната различност и вредностите што нè обединуваат“, рече Османи.

Истакна дека франкофонијата е во служба на зближување на народите и дека на симболичен начин тоа го манифестираме и денес афирмирајќи уште една вредност: чување на природната околина, нагласувајќи: „Дрвцата што денес ќе ги посадите овде, во чест на франкофонијата, ќе бидат сведоштво не само на еден ден во животот на секој од овде присутните, туку на благородната мисија и вредностите во кои веруваме, кои ги промовираме и заеднички ги негуваме“.

На настанот се обратија и амбасадорот на Франција и градоначалникот Герасимовски, кои исто така ги истакнаа вредностите и значењето на франкофонијата.

Учество зедоа и претставници од други амбасади на земјите членки на Организацијата на франкофонијата: Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Швајцарија, како и на Белгија и Канада.

Исто така, учениците од француските паралелки на средните државни училишта Раде Јовчевски-Корчагин и Орце Николов, како и од Францускиот институт, покрај тоа што учествуваа во садењето дрвја, рецитираа и поеми од македонскиот поет и франкофон Ацо Шопов и францускиот поет Виктор Иго.

31.03.2023 - 16:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега