Османи: Две точки од Протоколот со Бугарија се веќе исполнети и за тоа е информирана бугарската страна со нота

Нема да коментирам за односите со Бугарија додека траат изборите таму, бидејќи тогаш сите наши изјави стануваат дел од политичката борба и навистина не би сакал да влијаам во тој процес, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите запрашан за коментар за ставовите на копретседавачот од бугарска страна на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров околу наводната неподготвеност на земјава за промени.

– Ќе ги задржам моите коментари после 2 октомври, изјави Османи, додавајќи дека со официјална Софија веќе е разговарано околу честите политички изјави на Димитров.

Во однос на спорниот учебник по историја за седмо одделение, Османи изјави дека тој веќе е повлечен со одлука на претходната министерка за образование, поради навредливата содржина кон другите етнички заедници.

– Имаше во јавноста една дебата и тогаш со одлука на министерката таа книга беше повлечена и ние само ја информиравме бугарската страна дека всушност таа е повлечена од образовниот процес, истакна Османи.

Шефот на дипломатијата нагласи дека две точки од Протоколот со Бугарија се веќе исполнети и за тоа е информирана бугарската страна со нота.

– Прво, е повлечена книгата по историја, и тоа беше обврска на државата, повеќе поради говор на омраза на етничка основа и тоа не само кон Република Бугарија, туку и кон други заедници во државата. Второ, објавени се резултатите во рок од еден месец по потпишување на Протоколот. Значи тие две точки веќе се  исполнети, рече Османи.

Тој нагласи дека Работната група за исполнување на Договорот со Бугарија е веќе формирана и пополнета со членови, претставници од институциите и очекува оваа недела таа да го одржи првиот состанок.

– Не е само интерресорската група, туку и работните групи на поединечните теми и тоа е нормален работен процес, со цел да се следи имплементацијата на Договорот со Република Бугарија, додаде шефот на дипломатијата.

26.09.2022 - 13:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега