„Ослободете ги новинарите од Алфа или ќе те убиеме“ - детали од писмото со смртни закани до Јовески

Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера добил закана по неговиот живот поради конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година. Заканата, која била испратена преку препорачана пратка и напишана на македонски и албански јазик, како што велат од Обвинителството била од „терористичка организација која се бори и убива за неправда“.

– Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, доби закана по неговиот живот. Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена, бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување. Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Испраќачот или испраќачите во писмото бараат да бидат ослободени од гонење двајцата новинари од ТВ Алфа, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, постапка за која од обвинителството нагласуваат дека веќе е запрена во декември 2021 бидејќи нема место за гонење од страна на јавен обвинител.

-Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, слободно да бидат ослободени бидејќи се новинари кои се од највисоки еминентни и заслуги и имаат астрономска поддршка насекаде низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ. Љубомир Јовески ослободете ги еднаш, ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа, пишува во заканата.

За новинарите Момировски и Милосављевиќ до обвинителството беше поднесена кривична пријава од Агенцијата за разузнавање во врска со наводи за безбедносни и разузнавачки структури изнесени во емисијата „Заспиј ако можеш“ емитувана на ТВ Алфа на 11 јануари 2021. Тие во ноември лани беа повикани и да дадат исказ. Меѓутоа, веќе наредниот месец предметот, според денешното соопштение од обвинителството, бил запрен бидејќи надлежниот обвинител сметал дека нема место за јавнообвинителско постапување.

Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.

Од Обвинителството најавуваат дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и пронаоѓање на лицето кое ја експедирало. 

27.01.2022 - 10:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега