Оштететена во „Таргет-тврдина‘‘ бара од државата 3 милиони евра

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за аферата со прислушувањето, познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“.

Милионски суми отштета побараа прислушуваните кои Обвинителството ги повика да сведочат. Соптвеничка на туристичка агенција побара 3 милиони евра. Поранешен разузнавач смета дека претрпел штета од еден милион евра, пренсува Сител.

„Тоа е само директна материјална штета. За нематеријалната штета, за углед, за душевни болки на фамилии, тоа е дополнително“, изјави Слободан Богоески.

Сведоците сметаат дека со наводното прислушување, штети претрпел и бизнисот. Сепак велат дека нема да бараат обештетување.

„Не е логично сега државата да обештетува некој затоа што на крај пак тој цех паѓа или на фирмите или на населението, но доколку се утврди конкретниот налогодавач на оваа операција, тогаш би требало да има надомест на штета која јас би ја донирал во хуманитарни цели“, изјави Хари Костов.

Инаку, денеска судот извести дека добил известување од адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на обвинетата Гордана Јанкулоска дека од денес и на идните рочишта во овој процес ќе е нејзин застапник.

На претходното рочиште свои искази дадоа повеќе сведоци, меѓу кои политичари и новинари кои зборуваа за тоа како и кога дознале дека биле цел на прислушување.

Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.

Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапено од обвнителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.

Судењето по предметот „Таргет-тврдина“ е започнато на 22 декември 2017 година и се наоѓа во фаза на доказна постапка. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.09.2020 - 17:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега