Делови од авионски мотор, кои најверојатно се одвоиле по удар во птици, го скршиле прозорецот на авионот на „Рајанер“ за време на минатомесечниот инцидент во кој беше повреден српски државјанин.
Ова се наведува во извештајот на Националниот одбор на САД за безбедност во сообраќајот (NTSB), кој заедно со грчките власти го истражува случајот.
Според истрагата, лопатка од турбината на моторот се распаднала, го скршила прозорецот и го оштетила трупот на авионот на неколку места. Во моторот биле пронајдени остатоци од птици, што укажува дека до оштетувањето дошло при полетувањето.
Во инцидентот, 61-годишниот Љубиша Каровиќ од Врњачка Бања при кршењето на прозорецот речиси до појас бил исфрлен надвор од авионот. Тој се здобил со повреди на вратот и рамото, а сигурносниот појас спречил целосно да испадне.
Неговата сопруга, Светлана Грковиќ Максимовиќ, со која патувал од Солун за Германија, го држела за нозете, по што екипажот и останатите патници успеале да го повлечат назад во кабината.
Стјуардесите им изјавиле на истражителите дека во кабината се почувствувале силни вибрации и чад пред автоматски да се активираат маските за кислород.
Повредениот патник бил пренесен на безбедно место каде што лекар му пружил прва помош, додека екипажот го блокирал скршениот прозорец со метална кутија сè до принудното слетување во Солун околу половина час подоцна.
Поради претрпените повреди и претрпениот трауматичен настан, Каровиќ најави дека планира да поднесе тужби против трите компании — „Рајанер“, производителот на авионот „Боинг“ и производителот на моторите „Џенерал Електрик“.


