Во емисијата „Стадион“ на Канал 77 денеска гостуваше кандидатот за градоначалник за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој на самиот почеток истакна дека градот Скопје за 72 часа ќе биде исчистен колку и тоа да звучи и изгледа неостварливо.

„Јас одговорно тврдам и стојам зад тоа дека за 72 часа ќе го исчистам градот, колку и тоа да не изгледа остварливо за поединци или да не сакаат да им изгледа тоа остварливо“, рече Ѓорѓиевски и додаде:

„Од надмудрувања граѓаните во 21 век немаат основни хумани услови за живот, тоа нема да го дозволам јас во мојот мандат. Во Кисела Вода можете да ги прошетате сите населби, последната инвестиција ни е водоводна мрежа во населено место Стаклара каде претходно направив канализација, секаде каде недостасуваше подземна инфраструктура ја решив, нема населено место без вода за пиење и без подземна инсталација. Што подразбира тоа, 30 години требало да поминат за да дојдам јас и да го завршам тој процес“.

Ѓорѓиевски истакна дека во план е набавка на 50 камиони за чистење отпад, 30 машини за перење на улиците како и 1.000 луѓе коишто ќе бидат приклучени во самиот процес на чистење.

„Јас кога ќе влезам во градот Скопје ќе видите какви непродуктивни трошоци имало изминатите четири години, за првите 72 часа она што граѓаните треба да го очекуваат е да има околу 50 камиони за чистење на отпад, триесетина машини за перење на улиците и околу 1.000 луѓе коишто ќе бидат приклучени во процесот. Многу ми е едноставно во оваа кампања аргументирано да говорам затоа што имам нешто сработено позади себе, а тоа нешто е многу сериозен успех за се што сме постигнале четири години во Кисела Вода, еден од тие успеси е транспарентноста“, дециден е Ѓорѓиевски.

Exit mobile version