Општините добија право на управување со градежното неизградено земјиште

 

Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) денеска потпиша договор со Министерството за транспорт и врски со кој доби право на трајно користење, управување, одржување и можност за надградба на информацискиот систем поставен на интернет страницата www.gradezno-zemiste.mk 

Договорот го потпишаа премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов и потпретседателите на ЗЕЛС, градоначалниците на Чаир и на Кавадарци Висар Ганиу и Митко Јанчев. 

Премиерот Заев по потпишувањето истакна дека децентрализацијата на власта дефинитивно треба да продолжи во Република Македонија. 

- Убедени сме дека преку еден ваков механизам, со пренесување на хардверот и софтверот за управување со градежно земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, пофлексибилни, попосветени да излезет во пресрет на почетоците на постапките за било која градба која се случува во Република Македонија, рече Заев. Доаде дека ова треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Македонија, дека постапките кои ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво, директно со асистенција на ЗЕЛС. 

Заев рече дека општините како една од предностите ќе биде и легализацијата на дивоградбите. 

Министерот Сугарески појасни дека Е-градежно земјиште е електронски систем преку кој по електронски пат се вршат сите постапки за купопродажба или закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија.

- Преку овој систем се водат сите постапки за оттуѓување, давање под долготраен или краткотраен закуп, давање право на трајно користење, пренесување право на сопственост и засновање право на стварна службеност на државното градежно земјиште. Предностите на овој систем веќе се воочливи за граѓаните и за компаниите бидејќи поднесувањето на документите се прави од кое било место и во  кое било време, рече Сугарески. 

Шилегов истакна дека ЗЕЛС ги доби и авторските права врз изворниот код на трајно користење без надомест, но со обврска да го одржува и надоградува овој информациски систем. 

- Приоритетот на ЗЕЛС е сите општини да ги исполнат условите за управување со неизградено градежно земјиште и самите да ги спроведуваат постапките во овој систем, како еден од клучните предуслови и една од најголемите придобивки во процесот на децентрализација, рече Шилегов. 

Овој систем досега го користат 46 општини кои ги имаат исполнето сите услови утврдени со закон и се стекнале со право да управуваат со неизграденото градежно земјиште, сопственост на Република Македонија. Во останатите општини постапките се водеа преку Министерството за транспорт и врски. 

 

 

 

13.03.2018 - 12:56
Фото: 
Влада на РМ

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа