Општина Охрид денес започнува со уривање на дивоградбите

Општина Охрид денес ја започна најавената акцијата за уривање на дивоизградени објекти на подрачјето на општината,во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, соопштуваат од општината.

Според предвиденото, во акцијата за уривање, паралелно ќе бидат отстранувани дивоизградени објекти кои што се во тек на израдба и оние дивоградби кои се опфатени со регистарот на дивоизгредени објекти, кои се изградени во периодот од 2006-та до 2019-та година.

На почетокот, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид.

Во рамки на акцијата, денес се спроведува отстранување на дивоизграден објект на улицата „Марко Нестороски“ број 144, во согласност со Решението за отстранување ИП-1 бр. 36-843 од 13.09.2019 година и Заклучокот за дозвола за извршување ИП-1 бр. 36-843 од 19.09.2019 година. Се работи за дивоизграден објект во сопственост на физичко лице, кој е во фаза на карабина. Димензиите на објектот, врз основа на направениот записник се 10,45 метри на 12,50 метри во вкупна бруто површина од 130, 6 м2. Предметниот објект е лоциран на КП 10426/1 КО Охрид 2 и се градеше без одобрение за градење.

Општина Охрид е сериозно посветена на успешноста на целокупната акција за отстранување на дивоградбите и уште еднаш ги повикува сопствениците на дивоизградени објекти, да постапат согласно добиените решенија за отстранување на градбите. Во спротивно отстранувањето ќе го изврши општината, а трошоците за отстранување, ќе ги сносат лицата кои се задолжени во решенијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.09.2019 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега