Општина Аеродром ќе додели субвенции за велосипеди

Жителите на Општина Аеродром почнувајќи од денеска, па се до 9 октомври, имаат можност да аплицираат за доделување на субвенции за купени велосипеди.

Од Општина Аеродром наведоа дека секој полнолетен жител на Општината, што купил велосипед во тековната 2019 година, најдоцна до денот на траење на јавниот повик заклучно со 9 октомври, може да достави барање за поврат на средствата во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход, посочувајќи дека проектот ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

– Потребно е барање за надомест, што може да се подигне во архивата на Општината или да се обезбеди од интернет-страницата на Општината, доказ за жителство во Општина Аеродром, односно фотокопија од важечка лична карта или пасош на барателот, фотокопија од трансакциска сметка, како и доказ дека е извршено купување велосипед, и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка, со датум од тековната 2019 година, соопшти Општина Аеродром.

Од Општината истакнаа дека целта на овој проект е да се поттикнат граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство, што ќе овозможи да се растовари сообраќајниот метеж, но и да придонесе за почист воздух и поздрава животна средина. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.09.2019 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа