Операторите ќе прекинат со реемитување на домашните и странски ТВ канали, освен на јавниот сервис

 Реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори ќе биде прекинато, едногласно одлучи Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде што се обединети сите оператори. Операторите ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Ваквата одлука на Здружението на информатичко-комуникациски технологии се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието го донесе на 16 февруари, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

 

За оваа принудна одлука, да се прекине реемитувањето на домашните и странските ТВ канали, Здружението на информатичко-комуникациски технологииги информираше Претседателот на РСМ, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност.

Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологииподнесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.

Операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност.

И во изминатиот период, Здружението на информатичко-комуникациски технологииукажуваше на штетноста од ваквите измени и ги искористи сите механизми пред сите релевантни домашни и странски институции. Сепак, и покрај подготвеноста на Здружението да биде партнер во процесот на дефинирање на законските решенија кои ќе бидат во интерес на сите страни, а пред сè на корисниците, измените на ЗААВМУ беа донесени на сосема спротивен начин.

Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби. Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да го наплатат користењето на ТВ услугите за периодот додека трае прекинот.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.02.2020 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега