Опадна бројот на заразени од коронавирус во Македонија - Скопје дојде до 7000 кативни случаи

Речиси сите епидемиолошки параметри според кои се евалуира состојбата со епидемијата бележат тренд на намалување, односно зголемување во однос на бројката на оздравени случаи, соопшти вчера Министерството за здравство.

Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари, процентот на позитивни од тестирани изнесува 16 отсто, што споредено со средината на декември (извештај на ИЈЗ за периодот од 14 до 20 декември 2020 г.) е намалување од 13,3 отсто, кога процентот изнесувал 29,3 отсто.

Во истиот извештај од декември бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот на ИЈЗ за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48 отсто. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.

И вчерашната ковид-статистика покажа тренд на стабилизирање на епидемијата. Од направени 1906 тестирања во претходното деноноќие, беа регистрирани 356 нови случаи на коронавирусот, како оздравени беа забележани 587 пациенти, додека починати 15 лица. Меѓу починатите е и 36-годишно лице од Тетово.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89817, бројката на оздравени пациенти е 75387, на починати е 2754, а бројот на активни случаи изнесува 11676. Од активните случаи, во Скопје се 6767, Куманово – 429, Тетово – 463, Охрид – 387, Струмица – 360, Кавадарци – 365,  Гостивар – 308, Велес – 307. Во другите градови има помалку од 300.

 Од вчера се евидентираат два контролни тест, а според досега завршените епидемиолошки анализи во моментов дистрибуцијата по градови е следна:
• Скопје 39024, активни 6767
• Куманово 5062, активни 429
• Тетово 4994, активни 463
• Прилеп 4497, активни 269
• Гостивар 3552, активни 308
• Штип 3454, активни 166
• Битола 3178, активни 219
• Велес 2980, активни 307
• Охрид 2684, активни 387
• Струмица 2487, активни 360
• Кавадарци 2430, активни 365
• Струга 2162, активни 185
• Кочани 1704, активни 116
• Кичево 1681, активни 151
• Свети Николе 1062, активни 48
• Гевгелија 957, активни 117
• Неготино 948, активни 155
• Дебар 725, активни 106
• Ресен 715, активни 116
• Крива Паланка 708, активни 66
• Радовиш 679, активни 50
• Берово 571, активни 52
• Делчево 541, активни 157
• Пробиштип 489, активни 35
• Виница 479, активни 43
• Валандово 325, активни 23
• Демир Хисар 242, активни 14
• Македонски Брод 239, активни 14
• Богданци 214, активни 30
• Кратово 210, активни 14
• Крушево 196, активни 37
• Македонска Каменица 190, активни 48
• Демир Капија 180, активни 37
• Пехчево 177, активни 15
• Дојран 81, активни 7

По значителното намалување на бројот на хоспитализации, затворени се ковид-центрите на Клиниката за очни болести и Клиниката за уво, нос и грло, а клиниките се враќаат на својата редовна работа, посочуваат од Министерството за здравство и порачуваат граѓаните да останат одговорни и да продолжат доследно и целосно да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид-19 и превенција од натамошно ширење на вирусот.

Од Министерството за здравство велат дека се целосно подготвени за процесот на вакцинација, а први ќе се вакцинираат здравствените работници.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека првите вакцини од „Фајзер“ и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз.

– Не постои законска пречка за прием на вакцините против Ковид-19 во нашата земја. Првите дози на вакцината „Фајзер“ која е договорена во директни преговори со производителот, како и 8000 дози вакцини кои од Република Србија треба да пристигнат во нашата земја, ќе бидат со интервентен увоз. Измената на Законот за лекови е поради глобалната политика на „Фајзер“ кои инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво кое е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочува дека Србија е единствената земја во целиот регион каде има локално претставништво на „Фајзер“ и тоа на некој начин им ги забрза работите.

– Но, и тоа не е пречка свесни дека е таква нашата законската регулатива, производителот Фајзер, се согласи првите количини вакцини кои ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија да дојдат со т.н интервентен увоз, за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација, вели Филипче, додавајќи дека во моментов се чека одобрување од компанијата „Фајзер“ за интервентен увоз, за вакцините од Република Србија. – Тоа значи дека компанијата „Фајзер“ води сметка за буквално сите количини кои ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји, додава министерот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.01.2021 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега