ОЈО Струмица ги чека токсиколошките анализи за причините на смртта на момчето пронајдено кај Ново Село

Основното јавно обвинителство во Струмица ги чека токсиколошките анализи кои треба да бидат завршени од Институтот за судска медицина за да се утврди причината за смртта на момчето кое беше пронајдено мртво вечерта на 7 јуни во атарот на Ново Село.

Оттаму ги отфрлаат сите шпекулации и манипулации дека е уапсен или приведен осомничен за убиството и додаваат дека по добивањето на резултатите од токсиколошката анализа ќе одлучат како ќе постапуваат понатаму.

Потврдуваат дека од нивна страна била издадена наредба за дополнителна тимска реобдукција на телото на починатиот, а при увидот на местото биле констатирани повеќе повреди кои првично упатувале на насилна смрт.

Од Обвинителството повторуваат дека до судија на претходна постапка од Основниот суд во Струмица се поднесени повеќе барања за издавање наредби за претреси во домови и други простории на лица со кои починатиот остварувал последни контакти. Исто така, издадена е наредба за обезбедување снимки од видеонадзор од еден угостителски објект, како и наредба за вештачење мобилни телефони. Од мобилните оператори побарани се податоци за остварена телефонска комуникација, а издадена е и наредба за вештачење на повеќе предмети пронајдени во близина на телото на починатиот. Целиот терен, по наредба на јавен обвинител, циклично е пребаран два пати за да се пронајдат и други траги и предмети. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.

Денеска со соопштение до медиумите реагираше и проф. д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина, кој потенцираше дека не е направен никаков пропуст во истражната постапка од луѓето инволвирани во обдукцијата на телото на младото момче од Струмица.

Тој информираше дека на Институтот за судска медицина во тек се токсиколошките испитувања на земениот биолошки материјал и штом ги добијат резултатите надлежниот обвинител ќе биде известен за причината за смртта.

Инаку, МВР на 8 овој месец информираше дека вечерта на 7 јуни во 19:10 часот во СВР Струмица било пријавено дека било пронајдено починато машко лице во местото Ореш, во атарот на струмичко Ново Село. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а на телото имало видливи повреди. 

16.06.2022 - 16:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега