ОЈО ќе спроведе истрага за злоупотреба на средства од ЕУ - одземени пасошите на 3 лица

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе спроведе истрага против четири лица, од кои три лица како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело Измама на штета на средства на европската заедница. Од нив едно лице, кое е првоосомничено се товари и за продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело Несовесно работење во служба. Обвинителството побарало и изрекување мерки за претпазливост за три лица, односно одземање патна исправа, повремено јавување кај надлежен орган, како и забрана за работни активности поврзани со кривичното дело.
 
-Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Три лица како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело Измама на штета на средства на европската заедница од член 249-а од Кривичниот законик, првоосомничената сторила и продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 и став 3 во врска со став 1, додека четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело Несовесно работење во служба предвидено и казниво во член 353 -а став 1 од  Кривичниот законик, информираат од Јавното обвинителство.
 
Во текот на денешниот ден, обвинителството до Основниот кривичен суд – Скопје доставило предлог за изрекување на мерки на претпазливост за тројца осомничени.
 
-Заради обезбедување присуство и за непречено водење на кривичната постапка, обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Одлуката на судот ќе биде донесена во редовна законски утврдена постапка, се посочува во соопштението од Јавното обвинителство. 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.10.2020 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа