Јавното обвинителство потврди дека ја примиле пријавата на Финансиската полиција против екс градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и уште 7 лица меѓу кои и раководител на сектор на Град Скопје од администрацијата на Данела Арсовска.
„Пријавата е примена во Основното јавно обвинителство Скопје и веќе се преземаат дејствија на проверки“ – велат од ОЈО Скопје.
„Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за комуналии, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.“ – информира Финансиската полиција.

