ОЈО ги проверува тврдењата на Јеремиќ дека поранешни македонски функционери переле пари во Србија

 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе предистражна постапка по допрен глас за тврдењата на поранешниот српски министер за надворешни работи Вук Јеремиќ за наводно перење пари во Србија од страна на високи македонски функционери и нивната поврзаност со физички и правни лица од Србија и Чешка.

ОЈО соопшти дека предистражните дејствија се заради постоење индиции за сторено кривично дело Перење пари и други приноси. 

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејствија и координација со  институциите надлежни за откривање на овој вид на кривични дела. За понатамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана, се наведува во соопштението од ОЈО.​

Поранешниот шеф на српската дипломатија и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ, нодамна во изјава за белградската „ТВ Наша“ повика да се испитаат врските меѓу поранешната македонска влада и директорот на фирмата СЦМГ, што ја купи фабриката „14 Октомври“ од Крушевац. Јеремиќ тврди дека луѓе блиски до поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијаков, со пари од коруптивни активности во Македонија, купувале  фирми во Србија во дослух со српските власти.

 

 

 

07.12.2017 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа