Основното јавно обвинителство Гевгелија побара притвор за државјанин на Србија, откако во тешка сообраќајна несреќа кај Валандово загинаа две лица, кинески државјани, кои биле скриени во неговиот камион.
Несреќата се случи пред два дена, кога возачот на камион „мерцедес“, натоварен со 24,5 тони хартија, изгубил контрола и се превртел, при што ги притиснал 10-те мигранти кои се превезувале во полуприколката.

Осомничениот се товари за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, а Обвинителството истражува и евентуално криумчарење мигранти. Поради опасност од бегство, побарана е мерка притвор.
„Возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран, не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен да го држи возилото во движење што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но, во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани, од кои при превртувањето 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди“, се вели во соопштението од Обвинителството.