Уставниот суд на денешната седница донесе повеќе одлуки поврзани со иницијативи за оценување на уставноста на неколку закони и подзаконски акти. Меѓу позначајните е отфрлањето на иницијативата со која се оспоруваа измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Подносителот Илија Ивановски сметаше дека е дискриминиран бидејќи живее во Србија, тврдејќи дека со законските одредби „правото му се ограничува врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно загарантираните права“.

Истовремено, Судот одлучи да поведе постапка за Законот за заштита на децата, конкретно за делот кој предвидува еднократна помош само за децата родени на територијата на државата. Подносителот Кирил Михајлоски тврди дека со ова се дискриминираат децата на македонски државјани кои се родени во странство.

„Местото на раѓање не зависи од волјата на детето, ниту пак може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита“, се наведува во оваа иницијатива.

Судот исто така поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 од Уредбата за престанување на важење на прописите од проектот „регулаторна гилотина“.

Од друга страна, не беа прифатени иницијативите за оценување на Правилникот за имунопрофилакса, како и за Статутот на Институтот на сметководители донесен во ноември 2024 година.

На крајот од седницата, од дневниот ред беа повлечени точките кои се однесуваа на измените на Законот за градење, со цел дополнително да се разгледаат сите околности.

Exit mobile version