Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81% во однос на претходната пресметка.
Одлуката стапува на сила од ноќеска на полноќ (11 август 2026 година од 00:01 часот), а новите максимални цени на горивата ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС – 95: 87,00 (денари/литар)
- ЕУРОСУПЕР БС – 98: 89,00 (денари/литар)
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 91,50 (денари/литар)
- Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 92,50 (денари/литар)
- Мазут М-1 НС: 43,538 (денари/килограм)
Според новата одлука, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 4,00 денари по литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 8,00 денари по литар, додека Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтинува за 6,00 денари по литар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 2,881 денари по килограм.
Поевтинувањето е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, каде што кај бензините има намалување во просек за 6,186%, кај дизелот за 10,435%, кај екстра лесното масло за 8,138% и кај мазутот за 7,151%. Курсот на денарот во однос на доларот исто така е понизок за 1,0313%.
Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните утврдени цени, но трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и пониско од нив.


