Европската Унија објави нова стратегија за визи која за прв пат предвидува системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген зоната, преку воведување посебни визни режими и продолжени краткорочни престои во Шенген зоната.

Во стратешкиот документ на Европската комисија се наведува дека сегашниот режим на престој, кој дозволува 90 дена во рок од 180 дена, создава сериозни проблеми за секторите кои зависат од постојана прекугранична мобилност. Меѓу нив, особено е истакнат секторот за патен товарен транспорт, што е од големо значење за земјите од Западен Балкан.

Комисијата забележува дека сегашните правила бараат добивање долгорочна виза или дозвола за престој за секој престој подолг од 90 дена, но дека таков систем не е прилагоден на професии кои бараат чести и краткорочни движења меѓу земјите-членки, без намера за трајно населување во Европската Унија.

Во овој контекст, возачите на камиони од трети земји се експлицитно наведени за прв пат како професионална категорија за која би можеле да се воведат нови правила за продолжени краткорочни престои, заедно со уметници на турнеја, спортисти и професионалци ангажирани во прекугранични проекти.

Европската комисија проценува дека новите решенија за визи би можеле да придонесат за поголема флексибилност на пазарот на трудот, стабилност на синџирите на снабдување и подобро функционирање на внатрешниот пазар на ЕУ, а воедно да се одржи контролата врз миграциските текови.

Понатамошните чекори и специфичните модели на новите визи ќе бидат предмет на преговори со земјите-членки во наредниот период.

Exit mobile version