Одбележани 146 – години од Разловечкото востание

Со пригодна свеченост во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци, денеска Делчево и селото Разловци одбележаа 146 – години од Разловечкото востание, прво вооружено востание со кое отпочнува бурниот Предилинденски период за слободна и самостојна држава.

Програмата започна со пригоден реферат посветен на историските моменти и значењето на Востанието подготвен од членовите на КУД „Гоце Делчев“, додека делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Горан Трајковски, претставници од Советот на Општина Делчево, предводена од претседателот Гоце Попов, политички партии, здруженија на граѓани, положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието, а поставено на влезот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци.

Градоначалникот Трајковски по повод годишнината од Востанието истакна дека Делчево гордо и достоинствено се поклонува и оддава почит на ликот и делото на храбрите разловечки востаници кои се симбол на непокорот и кои го започнаа бурниот предилинденски период во македонската историја.

-Нивниот чин, нѐ обврзува и нѐ поттикнува денес да работиме и да ја градиме нашата држава, општина и славното Разловци. Разловци е мотивот кој инспирира и обврзува и те прави горд што потекнуваш од овој крај и мотивира да работиш посветено, за да го одржиш жив аманетот на храбрите востаници кои во еден несомнено тежок период од македонската историја, јасно кажаа не, на теророт, неправдата, испраќајќи порака за слободно Разловци без терор и понижување, Разловци во слободна македонска држава, истакна Трајковски.

Трајковски додаде дека изминатиов период се реализирани клучни проекти кои значат подобар квалитет на животот на жителите на Делчево и на најодалеченото село во делчевската општина.

Во рамките на културно-уметничката програма настапија ученици од Подрачното училиште „Св.Климент Охридски“ од село Разловци, како и Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, Фолклорната група при Националната установа Центар за култура „Никола Јонкова Вапцаров“ и Фолклорната група „Копачка.  Настанот беше во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ со поддршка на Министерството за култура.

 

19.05.2022 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега