Од затвор „Скопје“ се огласија за инцидентот: Да не се подлегнува на шпекулации

Од Управата на истражниот затвор „Скопје“ во Шутка за МИА го потврдија денешниот инцидент во кој биле инволвирани поранешните министри  Миле Јанакиески и Спиро Ристовски . Најостро ги осудуваат ваквите вербални и физички инциденти и порачува дека насилството нема да се толерира и оти најостро ќе се санкционира.

-На ден 21 февруари 2019 година околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд, велат од затворот „Скопје“.
 
После инцидентите за  лицата С.Р. и М.Ј. веднаш биле обезбедени прегледи и соодветна грижа од домскиот лекар, а потоа лицето С.Р. не побарало дополнителна медицинска помош. Лицето М.Ј. се пожалило на болки поради што е упатено кон ГОБ „8 Септември“.
 
– Истражниот затвор ќе ги преземе сите мерки и активности извршителите на физичко насилство да бидат соодветно санкционирани и во иднина, како и денес, ќе продолжи да постапува професионално и според сите мерки за безбедност предвидени во вакви ситуации. Нападнатите лица ќе бидат понатаму згрижени и заштитени без опасност по нив, согласно процедурите на установата, велат од затворот.
 
Управата апелира да се следат официјалните информации и да не се подлегнува на шпекулации.
 

Од скопскиот Кривичен суд исто така за МИА потврдија дека денеска се случил физички инцидент во затворот „Скопје“ во Шутка, но повеќе детали за учесниците не соопштија.

-До Судот е пристигнато известие за физички инцидент во затворот „Скопје“ во Шутка. Судија од овој Суд утре ќе оствари редовна посета на затворот за да констатира што точно се случило, велат од Судот.

Повеќе медиуми денеска објавија дека во физичка пресметка се повредени  Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на кои синоќа им беше одреден 30-дневен притвор во врска со случувањата во Собранието на „27 април“. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.02.2019 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега