Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против апелацискиот судија Ѓоко Ристов за противправно стекнување имот и перење пари. Обвинителите Искра Хаџивасилева и Ислам Абази на брифинг со новинарите истакнаа дека истрагата успеала да ги демантира сите тврдења на одбраната кои се менувале во текот на постапката – од тоа дека парите потекнуваат од продажба на лозје, до оправдување дека судијата штедел.
Според обвинителите, нема дилема дека судијата Ристов е лицето кое ги криело 350.000 евра пронајдени во куќата на неговите родители.
„Обвинителството низ доказите коишто ги собираше, практично, до последниот ден од истрагата просто ќе успее да ги демантира сите оние аргументи кои одбраната ги понуди како аргументи на делата кои се обвинува“, вели обвинителката Искра Хаџивасилева.
На прашањето како е утврдено дека токму тој ги криел парите, обвинителството е децидно: „Во текот на истрагата обезбедивме непобијни докази дека токму обвинетиот Ѓоко Ристов е оној кој ги крие парите, кои се противправно стекнат имот. Го утврдивме со вештачење, вештачење на биолошки траги“, образложи обвинителката.
Иако обвинителите не прецизираа дали парите потекнуваат од конкретно мито од одреден предмет, фактот што сумата е неоправдано висока за судиска плата е доволен за обвинението за перење пари. При претресот биле најдени и документи од други предмети, што според Обвинителството укажува на тргување со влијание.
Во однос на луксузниот стан од 140 метри квадратни на улицата Варшавска во Скопје, обвинителите информираа дека бил купен од таткото на судијата и потоа подарен, но иако постојат сомнежи, засега нема доволно докази дека и овој имот е стекнат противзаконски. Во меѓувреме, беше објавено и дека поранешниот државен правобранител Фехми Стафа се спогоди со Обвинителството за казна затвор од една година и три месеци за примање поткуп од 20.000 евра.


