Обвинителството не сака да постапува против Дончев - снимките како зема кеш не биле целосни

 

Обвинителството за организиран криминал и корупција на Вилма Рускоска одбива да постапува по видео и аудио снимките на кои може да се види екс директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев како полни торба со пари. Од Обвинителството за Фокус велат дека снимките кои биле објавено во јавноста биле нецелосни и претпоставки.

„ Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција нема да постапува по нецелосни снимки и претпоставки. Во надлежност на Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција е откривањето на кривичните дела од економско финансиска природа. Обвинителството укажува дека секој што поседува докази дека е сторено кривично дело истото треба да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во обвинителството и да ги приложи доказите по што обвинителството ќе отвори предмет и ќе преземе дејствија за расветлување на случајот, е ставот на Обвинителството.“ – стои во одговорот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција испратен до Фокус.

Инаку македонскиот обвинителски систем има дебело искуство со постапување по снимки кои се незаконски прибавени. Искуството дебело го збогатија „бомбите на СДСМ“ кои беа основа за СЈО да отвори серија кривични предмети а по дел од нив Обвинителството за гонење на организиран криминал и денеска постапува. Дека јавноста беше соочена со серија нецелосни снимки покажаа и материјалите кои ги објави Ел Чека кои значително се разликуваа од оние кои СДСМ ги објавуваше на своите прес конференции. 

 Интересно е што минатиот месец, по оставката на Дончев, МВР од Обвинителството побарало Дончев да биде ставен на „стоп листа“ односно да му биде забрането да ја напушти државата, но Обвинителството дало негативен одговор.  Извори од МВР велат дека имаат сознанија дека постои опасност Дончев да се даде во бегство поради што и била побарана ваква мерка. Истиот извор се сомнева во непристрасноста на обвинителството за овој случај, бидејќи како што вели, никогаш до сега не се случило на снимка да се види политичар како полни торби со кеш, а за тоа да не биде повикан на одговорност или барем да се отвори истрага. Порталот Плусинфо на 19 мај продолжи со серијата написи за вмешаноста на Дончев во аферата со фирмата „Диамед“.

Поранешната сопственичка на „Диамед“, Вера Иванова, во проширена кривична пријава против Ден Дончев, тврди дека под уцена на Дончев и на Зоран Милески-Кичеец, им исплатила вкупно 824.000 евра по разни основи. Дали ова е една од главните причини поради кои Ден Дончев, сега веќе поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, е под истрага од страна на обвинителетсвото, прашува порталот.

Плусинфо пишува дека има сериозни докази кои експлицитно укажуваат на постоење мрежа за рекетирање на субјекти кои даваат разни услуги во здравствениот сектор, за кои плаќа Фондот за здравство. Редовната наплата на тие услуги, всушност, била уценета со исплата на кеш на рака на лица, кои потоа парите ги носеле на соодветни адреси. Сумата, пишува Плусинфо, достигнува 2 милиони евра на годишно ниво.

Сопственичката на „Диамед“ поднела кривична пријава против директорот на ФЗОМ Ден Дончев и против министерот Венко Филипче. Во таа пријава двајцата се обвинуваат дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија. Дончев во 2018 година вршел притисоци врз угледната шведска компанија „Диаверум“ да се откаже од намерата да ја купи македонската компанија „Диамед“ и да стане вториот македонски оператор на услуги за дијализно болни лица. Тие притисоци на 1 ноември 2018 година кулминирале со формално писмо на Министерството за здравство до шведската компанија, кое содржи суптилни, но јасни закани до странскиот инвеститор. Кривичната пријава на Иванова против Дончев и Филипче сега е проширена и против Зоран Милески-Кичеец, веќе осуден за случајот „Рекет“.

Во Државната комисија за спречување на корупцијата е заведен и случајот за недозволената и непријавена исплата на хонорари (50.000 долари) за Дончев додека бил директор на ФЗО. Тој од австралиска компанија преку фирма регистрирана во Муртино добивал хонорари за консултантски услуги. Како директор на ФЗО тој тоа не смеел да го прави, а добиените пари не биле пријавени во УЈП.

Ден Дончев вчера во соопштение до јавноста кое тој го нарече „демант“ рече дека не е вмешан во никакво кривично дело, а парите кои се гледа дека ги земал биле на настан на кој бил од приватни причини, односно не како државен функционер.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.06.2020 - 13:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега