Обвинителството го доби вештачењето за телефонот, нема сознанија каде е Јанева

Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стигнал извештајот од вештачењето на телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева што и беше одземен во врска со истрагата за случајот „Рекет“, потврдија за МИА од Обвинителството.

– Вештачењето на мобилниот телефон е завршено. Но, со цел да не се попречи на натамошното водење на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не е во можност да сподели детали околу содржината на извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на јавниот обвинител. Вториот мобилен телефон до овој момент не е пронајден, велат од Јавното обвинителство.

Обвинителството нема сознанија каде во моментов се наоѓа јавната обвинителка. Досега обвинителството нема преземено дејствија за повикување на јавната обвинителка, нема ниту преземени дејствија на следење или лоцирање.

– Обвинителството во моментов не може да сподели информација во врска со бројката на лица кои се обраќаат до јавното обвинителство и кои пријавуваат. Временскиот период од обелоденување на истрагата е кратко, поминаа само седум дена во кои континуирано  се обраќаат лица со цел да пријават кривично правни настани, наведуваат од Јавното обвинителство.

Телефонот на Јанева и беше одземен во понеделникот и предаден на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со осомничените во „Рекет“.

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска викендов во ТВ интервју рече дека имаат снимки од кои сè слуша и гледа дека додека осомничениот Бојан Јовановски разговарал со сведокот бизнисмен, на спикерфон бил и јавен обвинител, без да прецизира за кого станува збор.

Катица Јанева даде оставка на функцијата минатиот понеделник, од кога не е достапна за јавноста. Јанева, како што информираа од СЈО, во вторникот отворила боледување. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.07.2019 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега