Обвинителство отвори предмет за новите аудио снимки со гласот на Камчев

Обвинителството во нов предмет истражува дали евентуално има кривично дело закана по живот или загрозување на општа сигурност во разговорите кои во саботата се појавија на „Јутуб каналот“ потпишани од објавувачот  „Големото уво“ со  наслов  „Нахранете ја демократијата“. Гласот за кој јавноста претпоставува дека е на бизнисменот Орце Камчев, сведок во „Рекет“ и обвинет во случајот „Империја“  бара спогодба со браќата Заеви, и вели дека во спротивно ќе крвават сите. Обвинителот Јовески во телефонски разговор за Телма вели предметот е кај обвинител и од доказите зависи  дали ќе заврши со пријави.

„Јавното обвинителство во врска со новообјавените аудио снимки на социјалните мрежи отвори предмет. Надлежен јавен обвинител во постапката ќе утврдува кој ја објавил содржината, идентитетот на лицата кои ја објавиле содржината на овие разговори и ги поставиле на социјалните мрежи, потоа идентитетот на лицата кои што разговараат и содржината на разговорите“.- вели Јовески.

Доказите кои ќе ги собере обвинителството ќе покажат и дали евентулано лицата од разговорите ќе  бидат повикани да дадат исказ кај обвинител.

„Обвинителството ја отвори оваа постапка за да утврди дали токму во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело. Зависно од доказите и сознанијата до кои ќе се дојде во постапката, соодветно ќе се постапи. Се разбира доколку има потреба ќе се повикаат и лицата, но  мислам во овој момент е прерано да се говори за конкретни лица.“ – вели Јовески.

Шпекулациите се дека Камчев е сниман, а тој разговоара со партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Правниот тим пак на Камчев се сомнева дека новите „бомби“ се сечени и монтирани. Но, што ќе преземат ќе кажат откако ќе се консултираат со него.

Со сведочење на Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, на 10 декември треба да продолжи рочиштето за предметот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.12.2019 - 15:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега