Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои Ребалансот на Буџетот, со кој се обезбедени 50 милиони денари за изградба на нова противпожарна станица наменета за Бригадата за противпожарна заштита.

Новиот објект ќе биде лоциран на територијата на Општина Аеродром, со што значително ќе се подобрат капацитетите на противпожарните служби во овој дел од градот.

Новата станица, како што информираат од прес-службата на Град Скопје, ќе биде лоцирана во Општина Аеродром, во близина на Центарот за јавно здравје, и претставува значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните и унапредувањето на условите за работа на скопските пожарникари.

Од градските власти потенцираат дека со оваа инфраструктурна инвестиција директно ќе се скрати времето за пристигнување на терен при вонредни ситуации.

Со реализацијата на овој проект, како што се наведува во соопштението, ќе се овозможи подобра организација на противпожарните служби, побрза реакција при интервенции, поефикасно спасување човечки животи и зголемена заштита од пожари и други вонредни ситуации во урбаните и приградските подрачја на градот.

Во соопштението се нагласува потребата од континуирано вложување во луѓето кои се на првата линија на одбрана при несреќи.

-Пожарникарите секојдневно се соочуваат со сериозни ризици во извршувањето на своите задачи и затоа заслужуваат современи услови за работа, модерна опрема и соодветна инфраструктура. Изградбата на новата станица е конкретен чекор кон целосна модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и создавање систем кој ќе биде подготвен, брз и ефикасен кога тоа е најпотребно – посочуваат од Град Скопје.

Проектот беше изгласан со поддршка на советничките групи во градскиот парламент.

-Станува збор за инвестиција од трајно значење која директно ќе придонесе за поголема безбедност и подобар квалитет на живот на сите граѓани. Град Скопје продолжува посветено да работи на реализација на проектите кои носат конкретни резултати и придобивки за градот и неговите жители се вели во соопштението на Град Скопје.

Exit mobile version