Новиот лидер на Европската народна партија, Доналд Туск најави борба против популистите

Претседателот на Европскиот совет во заминување, Доналд Туск, е новиот претседател на Европската народна партија (ЕПП), беше изгласано денеска во Загреб ,по  што Туск вети дека ќе се бори против популистите.

Претставниците на европските народни партии гласаа со 491 гласа за Туск, а против биле 37 делегати на Конгресот на ЕПП.

Туск на лидерскоот место на ЕПП го замени Французинот Жозеф Доул, кој ја предводи партијата од крајот на 2013 година.

Туск (62) беше единствениот кандидат за нов шеф на централно-десничарската европска партија и најсилната политичка група во Европскиот парламент.

На крајот на ноември, му истекува мандатот како претседател на Европскиот совет, на кој беше избран во 2014 и 2017 година.

„Подобро е да се биде претседател на ЕПП отколку поранешен претседател на Европскиот совет“, се пошегува Туск, откако беа објавени резултатите.

Претходно , денеска тој изјави дека е уморен од тоа да биде првиот европски бирократ и треба да премине во борба против популистите.

„Од една страна, има партии на неодговорен популизам, а од друга, е нашата партија која е одговорна за популарноста“,рече тој пред делегатите од околу четириесет земји.

"По пет години, јас сум уморен од тоа да бидам главен европски бирократ. Подготвен сум за борба, се надевам дека и вие сте подготвени", додаде Туск.

Активистот на ,,Солидарност’ од 1980-тите стана најдолготрајниот премиер во пост-комунистичка Полска (2007-2014). Тој беше еден од основачите на центристичката партија Граѓанска платформа, членка на ЕПП што ја предводеше од 2003 до 2014 година.

Со 182 од 751 освоени места, ЕПП е најголемата група во Европскиот парламент и заедно со социјалистите, либералите и зелените, формираат мнозинска проевропска алијанса.

Туск рече дека стравот одигра голема улога во политиката и дека во пресрет на мигрантската криза и терористичките напади, луѓето во последниве години бараат чувство на безбедност.

„Затоа нивните срца толку лесно ги освојуваат оние што викаат ,,станете” , повторно  направете ја вашата земја голема, повторно вратете ја контролата’ “, рече Туск, алудирајќи на „мантрите“ на популистичките лидери во Европа и изборниот слоган на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, тој тврди дека само оние што сакаат и можат да им дадат чувство на сигурност на луѓето имаат право да владеат додека ги штитат нивните слободи и права.

„Ние нема да ги жртвуваме вредностите како граѓанските слободи, владеењето на законот и пристојното јавно однесување пред олтарот на безбедноста и редот, затоа што нема потреба за тоа“, додаде тој.

„Оние што не можат да го прифатат ова, де факто се исклучени од семејството“, рече Туск, очигледно осврнувајќи се на партијата „Фидес“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која беше суспендирана од ЕНП во март поради кршење на демократските стандарди во земјата.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.11.2019 - 23:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега