Новиот бугарски министер за одбрана најави воена помош за Украина

 

Бугарскиот парламент во вторникот ја одобри новата влада предводена од Николај Денков, а функцијата министер за одбрана ја презеде воениот експерт Тодор Тагарев, кој го водеше Министерството за одбрана во март-мај 2013 година., пренесува БТА.

Тагарев во своето обраќање ја објави својата намера да обезбеди воена помош за Украина. Во говорот по парламентарното гласање, тој рече дека неговото министерство има намера да продолжи со напорите за зајакнување на одбранбената способност на земјата.

Дефинирајќи ги главните цели на својата идна работа како министер за одбрана, Тагарев рече дека Бугарија и нејзината армија мора да придонесат за осигурување безбедност и стабилност во регионот на Црното Море и Југоисточна Европа.

„Втората точка е придонесот на нашата армија за безбедноста на Црното Море… Ќе имаме безбедност кога последниот окупатор ќе ја напушти границата на Украина и кога ќе се блокираат агресивните намери на Кремљ. Само на тој начин може да се гарантира нашиот регион и нашата иднина “, рече Тагарев.

„Мора да го направиме она што е потребно и да ги зајакнеме нашите одбранбени способности и да ѝ пружиме помош на Украина за да може да ја продолжи контраофанзивата што очигледно започна и да ги ослободи своите територии,“ додаде тој.

Тагарев рече дека помошта нема да ѝ наштети на одбранбената способност на Бугарија.

Бугарија е една од ретките членки на Европската Унија што не обезбеди воена помош за Украина по инвазијата од страна на Русија во февруари 2022 година.

Бугарските пратеници гласаа за испраќање оружје во ноември, но претходната влада никогаш официјално не продолжи со испраќање помош. Сепак, повеќе медиумски извештаи укажаа дека Бугарија испратила оружје во Украина преку трети земји.

Русија почна специјална воена операција во Украина на 24 февруари 2022 година како одговор на повиците на народните републики Доњецк и Луганск за заштита од украинските трупи.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека операцијата, чија цел е украинската воена инфраструктура, има за цел да ја демилитаризира и денацизира Украина и целосно да го ослободи Донбас.

 

07.06.2023 - 09:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега