Македонската јавност и медиумската заедница се во тага. Заминувањето на Гордана Дувњак е огромна загуба за новинарската фела, но уште поголема за оние кои во неа гледаа искрен пријател, ментор и професионалец со интегритет. Социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство и сеќавања на една жена која, како што велат колегите, беше „дефиниција за борец“.

Јанаки Митровски се потсети на нивната соработка во „Фокус“, нагласувајќи ја нејзината уредничка етика: Имавме одлична соработка додека беше главен и одговорен уредник на Фокус. Константна поддршка и нула цензура. Нека почива во мир, штета, премлада заминува, сочустбо до семејстбото.

Александар Методијев, пак, ја потенцира нејзината пристапност кон помладите: „Гордана беше врвна новинарка и секогаш спремна да им помогне на помладите колеги. Не беше од оние што гледаат од височина. Луѓето со големо искуство и свест за својата вредност се такви.“

За Огнен Јанески, нејзината загуба е особено значајна во сферата на правосудното известување: „Заминувањето на Гордана Дувњак е исклучителна загуба за македонското новинарство, особено од аспект на известувањето за правосудните прашања. Како човек, беше неизмерно прекрасна за соработка, муабет, совети и исклучителна поддржувачка на младите кадри.“

Душица Мрѓа ја опиша со епитети кои ретко се доделуваат: „Новинариште! Човечиште! Дефиниција за Борец! И за правдата и за вистината, и за животот на сите нас! Од оние ендемски видови, кои се’ помалку ги има во земјава.“

Еден од најемотивните моменти го сподели Борче Трајковски, кој ја опиша нивната специфична динамика на критика и меѓусебна почит: „Бев и дрзок и безобразен кога со моите критики и совети ја напаѓав, а после се’, ќе ми речеше: ‘Боки, многу ми значат твоите критики, знам дека се искрени’. Барав повеќе енергичност… Гоца природно беше надарена со мекост, со чудна блаженост од која не можеше да се ослободи… Секогаш кога на крај од пораката ќе и напишев ‘Ај лове ју’, таа одговараше со ‘М2’. Адио Гоцо моја, ‘Ај лове ју’…“

Скоро сите пораки од пријателите завршуваат со мисла за нејзините синови, Мартин и Стефан. Бранка Костиќ Марковиќ напиша: „Горди се твоите Стефан и Мартин што имаа таква мајка, но знам колку и ти беше горда на нив.“

И Катерина Цаневска се надоврза: „Биеше многу битки во животот, за вистината, за новинарството, за твоето најголемо богатство Мартин и Стефан. За жал со оваа битка не се избори.“

Exit mobile version