Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, каде минатата година животот го загубија 63 лица, денеска продолжи со сослушување на соработници на бендот ДНК. ПР менаџерот Васко Спасовски пред судот појасни дека не бил присутен во кобната ноќ, а за трагедијата дознал од социјалните мрежи во раните утрински часови.

Во своето излагање, тој ги опиша улогите на членовите на бендот, нагласувајќи дека Панчо бил „мотор на групата“, додека другите биле задолжени за техничките аспекти. Посебен акцент беше ставен на употребата на пиротехнички средства, кои се сметаат за причина за пожарот.

Спасовски пренесе информации од негов разговор со поранешниот менаџер Денис Даутовски:

„Денис престана да соработува со ДНК три до четири месеци перед трагедијата, се пресели во Германија каде што доби работа според неговото образование. Тој претходно работеше со ДНК 7 или 8 години, беа блиски со Панчо, се дружеа приватно. Тој одеше на сите настапи и беше задолжен како ’тур-менаџер’“.

Поради овие нови околности, Обвинителството најави дека Даутовски ќе биде повикан да сведочи. За трагедијата што се случи на 16 март 2025 година, во моментов се обвинети 34 физички и три правни лица. Следното рочиште е закажано за в понеделник.

Exit mobile version