Во судницата во Идризово денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Во фокусот на доказната постапка беа презентацијата на вештачењата и прашањата од одбраната упатени до вештите лица.

Вештото лице Викторија Будимовска Секуловска истакна дека, според податоците со кои располагале при анализата, во периодот од 2012 до 2025 година во „Пулс“ извршителот немал добиено ниту една инспекциска контрола од инспектор за противпожарна заштита.

Во однос на безбедносните услови во самиот објект, таа посочи дека внатре имало поставено само еден план за евакуација, додека главната влезно-излезна врата воопшто не ги исполнувала стандардите за противпожарна врата.

„Вратата немала паник-рачка, соодветен систем за кочење во отворена положба, ниту била исполнета потребната огноотпорност“, објасни Будимовска Секуловска.

На денешното рочиште сведеше и вештото лице Маријана Лазаревска, која одговараше на прашања поврзани со градежно-техничките интервенции и пренамената на објектот.

Таа нагласи дека, иако дефинирањето на причините за пожарот не било дел од нивната задача, од аспект на користените материјали постоела директна поврзаност меѓу прскалките и сунѓерот, кој можел да придонесе за брзо ширење на огнот.

„При проектирањето на објектите пожарот се третира како можен ризик, без оглед на причината поради која би настанал, поради што објектите треба да бидат проектирани така што ќе обезбедат безбедност и во услови на пожар“, објасни Лазаревска.

Таа додаде дека сите констатации во вештачењето се темелат на целокупната расположлива документација, а не на поединечни документи или претпоставки.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска се осврна на дополнителното осветлување, за што вештите лица претходно појаснија дека пренамената на објектот во кабаре и дискотека барала проширување на електричната инсталација.

Со изведувањето на градежното вештачење од Градежниот факултет при УКИМ завршува делот од доказите на Обвинителството, по што одбраната ќе започне со презентација на своите докази.

Exit mobile version