Нови детали од Тексас: Сите деца биле застрелани во една училница

 

Објавени се нови детали за страшното масовно убиство што се случи вчера во Основното училиште во Тексас. Во нападот на Салвадор Рамос загинаа 19 деца и двајца возрасни, а последните информации укажуваат дека убиецот се забарикадирал во училница и ги убил своите жртви.

Во нападот загинаа двајца учители и 19 деца на возраст до десет години.

Додека Рамос пукал кон своите жртви, полицајците кружеле низ училиштето, кршејќи ги стаклата на прозорците во обид да ги евакуираат децата и персоналот. Успеале насилно да влезат во училницата и да го ликвидираат напаѓачот кој пукал и кон нив, објасни портпаролот на отсекот за јавна безбедност во Тексас, Крис Оливарез.

Како што наведе, идентификувани се сите жртви и информирани се нивните семејства. Тој истакна дека во нападот се повредени неколку деца, но не кажа колку и во каква здравствена состојба се.

„Станува збор за мала училница, која може да прими од 25 до 30 ученици. Во училницата имаше двајца учители. Во овој момент немаме информации колку ученици имало внатре. Бројката може да варира“, изјави Оливарез, нагласувајќи дека станува збор за организиран престој во кој престојувале групи деца.

Запрашан дали училиштето било крајната цел на напаѓачот, Оливарез рече дека се’ уште има многу прашања на кои полицијата нема одговори.

„Се обидуваме да го откриеме тоа. Во случајот е вклучен и ФБИ, а ги анализираме и социјалните мрежи. Она што го знаеме за напаѓачот е дека тој бил жител на Увалде, дека учел во едно од локалните средни училишта, дека живеел со баба му и дедо му, дека е невработен, дека немал пријатели или девојка“, изјави Оливарез.

Тој истакна и дека убиецот нема криминално досие, ниту пак бил поврзан со криминални групи.

Оливарез рече дека Рамос имал една пушка кога влегол во училиштето, а властите работат на утврдување на видот и капацитетот на пушката.

Додаде дека напаѓачот носел елек, во кој можел да чува дополнителна муниција.

Оливарез изјави дека бабата на напаѓачот, која ја застрелал пред да се упати кон училиштето се’ уште е жива и дека властите се обидуваат да го лоцираат неговиот дедо и членовите на неговото потесно семејство.

„Она што го знаеме е дека напаѓачот бил вклучен во инцидент со неговата баба пред нападот на училиштето. Потоа ја застрелал својата баба. Побегнал со возило и бил во близина на училиштето кога полицијата ја добила првата пријава за сообраќајна несреќа и вооружено лице кое влегува во училиштето“, изјави портпаролот на полицијата.

25.05.2022 - 15:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа