Нови детали од судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ откриваат дека објектот во кој згаснаа 63 животи, правно не постоел во општинската евиденција. Раководителот на Секторот за финансии во Општина Кочани, Дејан Рашков, на денешното рочиште сведочеше дека обврските за лиценца ги подмирувале други фирми – „Класик ДМ“ и „ММММ“.
„Кога се случи настанот, утврдивме дека ‘Пулс’ како правно лице не постои во нашата евиденција“, изјави Рашков. Тој појасни дека Општината инкасирала половина од средствата за лиценци (околу 123.000 денари), но не знаел дали парите се за дискотека или за кабаре.
Дополнително, сведоштвото на раководителот на Одделението за градежно земјиште фрли нова светлина на случајот: Општината барала од Министерството за економија и ДПИ да не се издава лиценца бидејќи објектот бил во зона за лесна индустрија, но одговор никогаш не добиле.


