Педесет и две годишен пациент кој од 2021 година чекал на националната листа за трансплантација денеска доби ново срце од донор, додека 23-годишно момче доби нов бубрег, соопшти Министерството за здравство.

Двајцата пациенти успешно ги поминаа хируршките интервенции и во моментов се наоѓаат во стабилна здравствена состојба.

„Во градите на 52-годишен пациент, кој од 2021 година со нетрпение и верба чекал на националната листа за трансплантација – од денес чука ново срце. Симбол на нов живот, нов почеток и неизмерна благодарност. Со оваа исклучителна одлука за органдонорство, нивниот сакан продолжува да живее во срцата, телата и насмевките на луѓе кои повторно имаат шанса. Истовремено, 23-годишно момче доби бубрег и со него, шанса за поквалитетен живот“, се наведува во официјалното соопштение на министерството.

Од ресорното министерство упатуваат неизмерна благодарност до семејството на починатиот донор кое во најтешките мигови од животот покажало врвна хуманост.

Покрај виталните органи, во рамки на истата процедура донирани се и коскени ткива, што ќе помогне во понатамошното лекување и закрепнување на други пациенти.

„Министерството за здравство изразува најдлабока почит за ова храбро семејство. Нивната одлука за нас е патоказ при креирање на идните политики. Благодарност до сите здравствени работници чија посветеност, експертиза и професионалност ја имаа оваа благородна мисија за нова надеж и нов живот“, истакна во пишана изјава министерот за здравство.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, исто така упати јавна почит до семејството за нивната храбра и несебична одлука.

„Кога сме сплотени и имаме една ваква хумана мисија, заеднички и тимски може да поместуваме граници“, вели проф. д-р Кузмановска.

Exit mobile version