Од 10 декември Австралија официјално влегува во нова дигитална ера: стапува во сила најстрогиот закон во светот за заштита на малолетници од штетноста на социјалните мрежи. Според законот, децата под 16 години повеќе нема да смеат да поседуваат или креираат профили на најголемите онлајн платформи, а технолошките компании ќе мора да воспостават строги системи за верификација – во спротивно ќе се соочат со драстични казни.
Владата веќе објави список од десет платформи опфатени со забраната: Facebook, Instagram, Snapchat, Threads, TikTok, X, YouTube, Reddit, како и стриминг-сервисите Kick и Twitch. Сите тие ќе треба да развијат механизми за филтрирање и потврда на возраста со цел да спречат корисници под 16 години да имаат активни профили.
„Мета“, која ги поседува Facebook и Instagram, веќе ги извести корисниците во Австралија дека од 4 декември ќе почне со блокирање и бришење сметки за кои постои сомнеж дека им припаѓаат на деца на возраст од 13 до 15 години. Процесот треба целосно да заврши до 10 декември, кога законот и формално стапува на сила.
И другите платформи ги менуваат правилата. Snapchat и повеќе онлајн сервиси воведуваат дополнителни проверки на возраста: потврда со банкарска сметка, доставување документ за идентификација или видео-селфи за верификација. Регулаторите објавија детален правилник што се смета за „разумен чекор“ за спречување на деца под 16 години да отвораат профили, а корисниците кои по грешка ќе бидат блокирани ќе можат да поднесат приговор со доказ за возраст.
Од забраната се изземени YouTube Kids, Google Classroom и WhatsApp, бидејќи нивната примарна функција, според владата, не е класична социјална интеракција. Децата ќе продолжат да можат да гледаат содржини на платформи како YouTube, но без можност за креирање профил или комуникација.
Законот, донесен кон крајот на 2024 година, предвидува казни до 49,5 милиони австралиски долари за компании кои системски ќе го прекршуваат. Властите го оправдуваат овој пристап како мерка за јавно здравје – со цел да им се „одложи“ контактот со алгоритмите и интензивните механизми на платформите до 16-годишна возраст.
Комесарката за е-безбедност Џули Инман-Грант нагласи дека ограничувањето треба да им даде на децата „простор да растат и да се развиваат без притисок од непрозирните алгоритми и бесконечното скролување“.
Премиерот Ентони Албанезе и министерката за комуникации Аника Велс ја бранат мерката како политика „за доброто на нашите деца“. Паралелно се спроведува и национална образовна кампања за подготовка на семејствата за новите правила. Но, реакцијата од индустријата беше бурна: технолошките компании предупредија дека законот е „прегруб“, не ги следи реалните навики на корисниците и може да донесе несакани последици. Сепак, под притисок од милионските казни, најголем дел од платформите започнаа процес на адаптација.
Критичарите, пак, предупредуваат дека строгиот модел може дополнително да ги изолира ранливите тинејџери кои се потпираат на мрежите за поддршка, комуникација и чувство на заедница. Според нив, поефикасна стратегија би била систематска дигитална едукација наместо целосно исклучување.
Иако станува збор за национален закон, европските регулатори ќе го следат внимателно. Во ЕУ веќе се водат дебати за тоа дали постојните заштитни механизми се доволни, а австралискиот модел може да стане тест-пример за идните глобални политики во кои државата презема директна контрола врз возраста на корисниците, а платформите добиваат обврска да ја спроведат – под ризик на милионски казни.

