Нов бран на сајбер измами и софистицирани фишинг напади е регистриран во изминатиов период, при што измамниците преку лажни поради од „Безбеден град“ се обидуваат да дојдат до личните податоци и парични средства на граѓаните.

 Министерството за внатрешни работи излезе со итно предупредување до јавноста да бидат исклучително претпазливи со СМС пораките и електронските линкови кои пристигнуваат на нивните уреди.

Од МВР појаснуваат дека измамниците испраќаат лажни известувања кои наводно потекнуваат од системот „Безбеден град“ и Одделот за моторни возила.

„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи. Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.“

Како да ги препознаете вистинските пораки од институциите

За да се спречи неовластено споделување на лични податоци, банкарски броеви и лозинки, надлежните служби апелираат граѓаните во никој случај да не отвараат непознати линкови и да ги следат препораките за дигитална сигурност.

„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.“

Прецизни параметри за официјалните известувања

За да нема забуна кај возачите, од полицијата посочуваат точно како изгледаат легитимните СМС пораки кои се испраќаат до граѓаните во случај на сообраќаен прекршок.

„СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат “https://safecountry.mvr.gov.mk…”“

Од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека интензивно се работи на терен на откривање и санкционирање на сите сторители кои стојат зад овие дигитални измами.

Exit mobile version