Запишани 12.551 средношколци - слободни 22.436 места

Од 22.058 полуматуранти, во прва година средно образование во 2014/2015 година се пријавиле 17.982, а се запишале  12.551 на првото пријавување кое се спроведе на 23-ти и 24 јуни. Министерот Абдилаќим Адеми на прес-конференција информираше дека од примените 12.551, 9.547 се за настава на македонски јазик, 2.761 за паралелките на албански наставен јазик, 143 се за турски јазик и 100 се повторувачи. Според видот на образованието, 5.603 се запишале во гимназиите, 6.792 во стручните училишта и 156 во Спортската академија. 

Во понеделник и вторник (30 јуни и 1 јули) ќе се спроведе второто пријавување во јунскиот уписен рок, а резултатите ќе бидат објавени на 3 јули. Слободни се 22.436 места, од кои 15.000 за македонски наставен јазик, 6.618 за албански, 775 за турски, 34 за настава на српски јазик и осум места за ученици кои ќе ја повторуваат прва година средно. Според видот на образованието, во гимназиите се слободни 5.756 места, во средните стручни училишта 16.632 места и 48 слободни за Спортската академија. За училиштата од уметностите (ликовна и музичка) не се собрани податоците за пополнети и слободни места зашто тие имаат дополнителен испит за прием на ученици.

МОН во конкурсот за  упис во јавните средни училишта за 2014/2015 година  обезбеди вкупно 35.185 места: 23.384 за средно стручно образование, 11.189 за гимназиско образование, 408 за уметностите и 204 за Спортската академија во Скопје и за нејзините седум дисперзирани паралелки низ Македонија. Дополнително, на почетокот на оваа недела беше објавен конкурс и за пет паралелки и пет струки во новото стручно училиште во општина Шуто Оризари.

Министерот Адеми посочи дека на второто пријавување во првиот уписен рок училиштата може да го намалат бројот на конкурсните поени за прием на ученици, но најмногу за пет поени. 

Тој напомна дека запишувањето во средно образивание е законска обврска и апелираше учениците да ги изберат техничките науки.

- Сите полуматуранти кои се уште не се пријавиле за упис во средно училиште, ги повикувам тоа да го сторат во следниот период затоа што средното образивание е задолжително. Би сакал да го повторам ставот и апелот на Владата  и МОН при уписите секогаш во предвид да се имаат личните интереси и афинитети кон одредена професија, но информациите од пазарот на трудот се дека техничките науки се дефицитарни и со нив многу полесно се стигнува до соодветна работа по завршување на образованието, рече Адеми. 

Вториот рок за запишување е во август, со едно пријавување – на 21 август. Училиштата кои и по двата уписни рока нема да ги пополнат слободните места, ќе може да запишуваат ученици до 29 август. 

27.06.2014 - 14:09
Фото: 
нетпрес
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега