Министерство за транспорт и врски: Мандатот на Жерновски ќе помине во истражувања и ревизии

Министерството за транспорт и врски во реакција на денешните обвинувања  од  градоначалникот на Центар  Андреј Жерновски за огласот за продажба на парцела на плоштадот „Македонија“  потсетува дека доколку општинското раководство не издава одобренија за градење согласно законски утврдениот рок, ќе подлежи на глоба предвидена согласно член 163 од Законот за градење.

Од Министерството велат дека Жерновски на театрален и манипулативен начин се обидува да ги дискредитира активностите кои се преземаат во доменот на управување со градежното земјиште и реализацијата на проекти во општина Центар.

Почетната цена за продажба на градежното земјиште со цел реализирање конкретни инвестиции, појаснува Министерството, е уредена согласно Уредба за начинот и постапката на отуѓување, давање под долготраен и краткотраен закуп на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија, донесена од Владата.

Од Министерството за транспорт бараат Жерновски да објасни што е сомнително во постапката, кога,  наведуваат, „овој јавен повик е објавен во два печатени медиуми согласно законските прописи и е поставен на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски, за разлика од времето кога владее тој и Ристо Пенов, кога се одеше со директна спогодба, а најатрактивните локации се продаваа по цена од 25 евра по метар квадратен“.

- Жално е што од почетокот на неговиот мандат, до сега, од Жерновски ги слушаме само зборовите „поништување“ и „ревизија“, без најава на никакви проекти кои би биле во полза на граѓаните на општина Центар. Зарем ќе чекаме да поминат 4 години од нивниот мандат во истражувања и ревизии, а потоа ќе реализираат проекти? За разлика од Жерновски, Владата на Република Македонија е за реализација на проекти и привлекување на странски и домашни инвестиции, кои за жал со неговите постапки тој ги брка наместо да ги привекува, а потоа се чуди зошто општинската каса му е празна, посочуваат во реакцијата од Министерството за транспорт.

Прашуваат зошто општинското раководство е изненадено заради оваа постапка и согласно кој закон е спротивен постоечкиот Детален урбанистички план, кога е донесен пред донесување на новиот Генерален урбанистички план, а исто така е усогласен и со новиот ГУП.

најчитано сега