Охридското Езеро безбедно за рекреација - водата со висок квалитет

Последните испитувањата што вообичаено ги спроведува Центарот за здравје од Охрид пред почетокот на главната туристичка сезона покажуваат дека водата во Охридското Езеро е со висок квалитет и безбедна за капење и рекреација. Направена е целосна контрола на квалитетот на водата во езерото на македонска страна, при што е констатирано дека водата во 90 отсто од проверените примероци е од прва, односно втора класа.

- Направени се физичко-хемиски и микробиолошки анализи на 40 примероци вода. На потегот од Свети Наум до плажата Парк водата е од прва категорија. Мала деградација од втора класа е кај примероците вода земени околу пристаништето во Охрид, каде има повеќе фрекфенција на пловни објекти. Слична е во состојбата со квалитетот на водата и на струшкиот дел од крајбрежјето, со прва класа на сите места освен кај Калишта и на местата на вливот на притоките во езерото, истакна Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Што се однесува до јавните чешми во Охрид и околината, кај сите водата е безбедна за пиење, со тоа што иако не се очекуваат некакви отстапувања, во текот на туристичката сезона постојано ќе се врши проверка на нејзиниот квалитет. Точков уште додаде дека Центарот за јавно здравје на крајот на мај и почетокот на овој месец спроведе прскање против комарци на територијата на општина Охрид, најавувајќи дека прскање против комарци ќе биде спроведено и на почетокот на идниот месец, откако ќе биде спроведно и авионско запрашување против комарци предвидено за крајот на овој месец.

10.06.2014 - 15:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа