Немаа мотив да патуваат на Мундијалот - Камерунците се откажаа поради ниските премии

Поради незадоволоство од понудените премии, камерунските фудбалски репрезентативци одбија да влезат во авионот обезбеден од страна на нивната влада за пат на Светското првенство во Бразил.
 
„Ле Екип“ пренесува дека Камерунците за штрајк се подготвувале и порано, но не се случило да протестираат поради добиените ветувања за средување на висината на премиите. Имено, тие најавија штрајк за 23 мај, па го одложија и го играа пријателскиот натпревар со Германија на 1 јуни кој заврши 2:2. И за овој постигнат резултат камерунските репрезентативци не ги добија премиите кои им беа ветувани па се решија на радикален чекор.
 
Камерунската фудбалска организација подоцна им понуди финансиски средства, но тие беа многу пониски од ветените.
 
Ваквиот развој на настаните може многу негативно да се одрази на камерунската репрезентација која во сабота против Мексико треба да го одигра првиот свој натпревар на Мундијалот.
 
Освен Камерун и Мексико во А групата уште играат и домаќинот Бразил и Хрватска, две селекции кои на 12 јуни ќе го отворат шампионатот. 

09.06.2014 - 14:21
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега